Македонската кошаркарска федерација се огласи со благодарност до организаторите и честитки до клубовите за одличната организација и спортска атмосфера од годинешното издание од кошаркарскиот Куп на Македонија одржан викендов во Гевгелија.

„Македонската кошаркарска федерација им ги честита освоените Куп-трофеи на женскиот кошаркарски клуб Вардар, кој изминатиот викенд ја освои третата Куп-титула во низа, и на кошаркарскиот клуб Работнички кој се закити со десеттиот Куп-трофеј.

Сакаме да им се заблагодариме на градот Гевгелија за гостопримството и за безрезервната поддршка за организирањето на овој спортски настан кој е празник на кошарката. Воедно, сакаме да им се заблагодариме и на клубовите Блокотехна и Кожув кои беа коорганизатори на натпреварите година.

Спортските сали „Негорски Бањи“ и „26 април“ беа исполнети речиси до последното место од љубителите на спортот со портокаловата топка, кои дополнително придонесоа за спортската атмосфера во целост.

Благодарност и до сите клубови-учесници во овогодишниот Куп за фер играта и за промоцијата на кошаркарскиот спорт“ – стои во соопштението на МКФ.