Пишува: Весна Николовска

ЕХФ недела за мерак имаше машката ракометна репрезентација на Македонија – победа на гости, премиерна во дводецениското „војување“ со Исланд и реми дома, во втората рунда од квалификациите, што истовремено широко ни ги отвори вратите кон ЕУРО 2020.

Сите среќни, незадоволни – НЕМА! Или можеби има, оние „мрчаторите“ што бараат „влакно и во јајце“, но ние останатите им аплаудираме на сите од прв до последен, од Лазаров преку Манасков, Талески, Георгиевски, Стоилов, Ристовски… до Танкоски и секако новиот селектор Данило Брестовац.

Стари или нови „финти“, не е ни толку важно, она што е важно е дека Македонија успеја да се крене по падот во првиот круг од квалификациите и да го поправи впечатокот од Битола и Кожани, но и од јануарското сивило во Минхен и Келн на настапот на СП.

Едногласни се репрезентативците „три бода во два меча со Исланд, ако некој ни понудеше тоа пред двомечот потпишувавме одма“. Но, тие не потпишаа, тие одиграа, храбро, машки, се креваа по падовите, се враќаа уште посилни и на крајот покажаа – не чека светла иднина и не чека ново ЕП, она во 2020 кон кое вратите ни се широко отворени.

Секако, ништо не е готово, имаме гостување во Турција и меч дома со Грција, но по она што го презентираа оваа недела, не знам дали е до новата енергија од новиот селектор или е до созревањето на младите или нешто друго, Македонија покажа карактер и презентираше лик, кој не е непознат за нас.

„Сега се е во наши раце“ – заклучи селекторот Данило Брестовац, а и општиот впечаток е таков. Јуни е многу близу, а ако Исланд беше најава за она што следи е тогаш можеме мирно да чекаме континентална заверка, седма во нашата репрезентативна историја.