Двомечот со Исланд е веќе завршена приказна за македонските ракометни репрезентативци, кои од денеска се враќаат на своите клупски обврски и на завршните натпревари во сезоната.

Но, некаде во позадина ќе стои и податокот дека ги чекаат последните два дуели од квалификациите за ЕП 2020, гостување во Турција и завршниот меч на домашен терен со Грција. Имаат сметки за расчистување нашите ракометари, особено со јужниот сосед, а она што ветуваат е дека на тој меч ќе се оддолжат за се.

„Оптимисти сме и гледаме само напред. Ни преостануваат уште два натпревари од квалификациите. Првиот со Турција на гости, каде нема да ни биде лесно поради тоа што дома се мачевме со нив. Потоа со Грција дома, каде треба да собереме сила и максимално да сме мотивирани пред нашата публика. Против Исланд имавме 60 минути прекрасна публика, прекрасен мотив за игра и поддршка и не смееме да ги разочараме со резултатот. Напротив ќе направиме денот да и биде празник на ракометот и да уживаат во натпреварот“, најави Филип Талески, што да очекуваме во јунските квалификациски возбудувања.