Иницијативниот одбор за спас на фудбалот, како што се нарекуваат, денеска одржа прес-конференција во салата „Борис Трајковски“. На неа зборуваа некогашните функционери во ФФМ Миле Спиркоски и Игор Климпер, како и поранешниот вардаров капитен и репрезентативец Бобан Грнчаров и некогашниот фудбалски судија Љубомир Крстевски. Но, истите како да кажаа нешто кое претходно го истакна и директорот на АМС Дарко Каевски, за подоцна неговиот заменик да замине во Собранието и да го признае како летигитимно.

Иницијативниот одбор истакна дека клубови се зад нив, но не сакаа да ги кажат имињата на тимовите од кои ја имаат поддршката.

„Сите клубови бараат сите закони да важат подеднакво за сите. Затоа што на два дена пред Собранието бевме сведоци дека беше обеледенето дека Статутот на ФФМ не е во согласност со законото. Се согласивме сите да има законско работење, не само во ФФМ, туку во сите федерации“, истакна Спиркоски, додавајќи дека оваа иницијатива била да ги поттикнат сите органи во државата да извршат ревизија во работата на ФФМ, односно во Статутот дали е усогласен со законот за спорт.“, изјави Миле Спиркоски.

На прес-конференцијата беше Бобан Грнчаров кој рече дека во ФФМ треба да работат само фудбалски работници.

„Ние сите поранешни и сегашни играчи сакаме во федерацијата да бидат луѓе што се фудбалски, што се во светот на фудбалот, а не да работат луѓе кои немаат ништо поврзано со фудбалот“, рече Грнчаров кој на прашање дали ќе се кандидира за претседател на ФФМ, одговори дека нема таква намера.

Игор Климпер, истакна дека е во својство на „помагач“ со неговото искуство како поранешен функционер на ФФМ.

„Немам никаква амбиција да бидам било што, туку само сакам со своето искуство да помогнам на иницијативниот одбор“, рече Климпер.

И покрај најава за некаков бојкот, сепак, сите се согласија дека ќе нема бојкот од клубовите затоа што тоа не им оди во прилог. Тие бараат вонредно генерално изборно Собрание пред кое најпрво Статутот ќе се усогласи со законот за спорт.

Меѓутоа со оглед дека на изборното Собрание присуствуваа и претставници од ФИФА, УЕФА и го признаа за легитимно, тогаш оваа иницијатива се чини ја нема потребната сила.