Барселона ја прекина негативната серија од три елиминации во четвртфиналето на Лигата на шампионите. Вечерва каталонскиот гигант го победи Манчестер Јунајтед со 2:0 на реваншот со двата гола на Лео Меси во првото полувреме и со вкупни 3:0 (вклучена и победата на „Олд Трафорд“ пред седум дена) влезе во топ 4 на елитното клупско натпреварување.

А мечот можеше да има поинаков тек затоа што на самиот старт Рашфорд се најде во убава ситуација, а по неговиот шут топката ја погоди пречката и излезе во аут. Но Барса возврати во 10. минута кога Ракитиќ се најде во „сендвич“ меѓу двајца играчи на Јунајтед, па судијата Феликс Брих отиде да ја прегледа ситуацијата и процени дека немало фаул за пенал.

Пред мечот тренерот на Јунајтед Оле Гунар Солскјер ги предупреди своите фудбалери дека не смеат да задремат ни секунда затоа што Барса тоа веднаш ќе го казни. А тие не го послушаа.

Барса набрзина стигна до предност од 2:0. Во период од четири минути! Во главна улога Лео Меси – стрелец на двата гола со кои стигна до бројката 10 оваа сезона во ЛШ,  а уште поинтересно веќе има 24 гола против англиски ривали во елитното клупско натпреварување, најмногу од било кој друг фудбалер.

Исто така после четири години Меси успева да ја затресе мрежата на меч од четвртфиналната фаза. Неговата серија изнесуваше 12 меча во оваа рунда без погодок, од април 2013 година.

Јунајтед се најде во нокаут – само чудо ги спасуваше од елиминација. А тоа не се случи. Напротив Барса само го зголеми водството. Филипе Кутињо постигна фантастичен гол од далечина и тоа беше тоа. До крајот само требаше рутински да ја заврши работата и да почне големото славење.