Ацо Стојанов, досегашниот координатор во клубот, од вчера е назначен за нов шеф на стручниот штаб на Беласица. Тој ја доби довербата од раководството на клубот да ги води „сините“ во последните осум кола и да се обиде да ја спаси сезоната, односно да се обиде да избори опстанок. Можеби невозможна мисија, но сепак во игра се уште 24 бодови и математички стримичани сеуште се во игра за изборување на опстанокот. Стојанов доаѓа на местото на Ѓоко Хаџиевски кој вчера се раздели со Беласица, вчера си замина и Раде Цицмиловиќ.

Инаку ова на Ацо Стојанов ќе му биде вторпат да ја води Беласица како прв тренер, пред четири години тој беше стратег кога оваа екипа се натпреваруваше во Третата лига, Стојанов исто така беше пред извесно време и прв тренер на Хоризонт Турново. Кога сме кај клупата на Беласица, таа сезонава се покажа како многу жешка. Имено Стојанов е четврти тренер од минатиот август кога стартуваше тековниот шампионат. Марјан Живковиќ прво го водеше тимот, ако не го сметаме Раде Цицмиловиќ кој ги одработи летните подготовки, за да по заминувањето на Живковиќ, тој седна на клупата на Беласица. По него на ред дојде Ѓоко Хаџиевски, за да од вчера прв тренер е Ацо Стојанов.