Работнички оствари уште една важна победа на гости (1-2) против Ренова во Тетово и се искачи на четвртата позиција на табелата. Не е недостижно ниту третото место на Акдемија Пандев и тимот до последен миг ќе се бори за излез на европска сцена.

Еден од хероите во Тетово беше голманот Ристо Јанков, кој имаше одлични одбрани, а успеа и да го скроти ударот од белата точка на Влатко Стојановски во завршницата од мечот, токму него „Спортмедиа“ го прогласи за играч на колото.

„Среќни сме поради триумфот, втор во низа за нас. Самодовербата е сега на највисоко ниво и веќе сме фокусирани на следниот меч против Силекс во Кратово. Одигравме одличен меч против Ренова, тимот реагираше на вистински начин и освоиме три многу значајни бода. Среќен сум што одбранив пенал, но заслугите одат за сите соиграчи подеднакво“, вели скромно голманот Ристо Јанков.

Работнички во 29.коло му гостува на Силекс во Кратово, в сабота во 16 часот.