Пишува: Марија Ковачева

Жално, навистина жално…По Металург и вториот македонски тим кој ни ги носеше најубавите ракометни бајки во Македонија по завршување на сезоната ќе згасне. Ѕвездениот РК Вардар згаснува.

Главниот виновник за шампионските денови во ова мало парче земја, натрупано со бројни проблеми, Сергеј Самсоненко ја извести јавноста дека повеќе нема сили сам да го финансира овој голем проект.

Ваквите денови веќе долго се најавуваа, но секогаш во сите нас постоеше онаа „трошка“ надеж дека големите луѓе во Македонија нема да дозволат преку ноќ да се случи распад на тимот кој две години по ред учествуваше на фајнл-фор завршницата во Лигата на шампионите, тимот за кого цела Европа зборуваше, тимот пред кого паѓаа имиња со поголем ракометна традиција, тимот кој ни ги „кинеше нервите“ а потоа не вивнуваше до небо, тимот кој срцата ни ги полнеше со радост, не правеше горди Македонци, ни дозволуваше да ја држиме главата горе не само на Ф4 во Келн, туку и на сите големи настани, тимот за кого цела Македонија излезе низ улиците на Скопје во онаа незаборавна 2017 година.

Враќајќи го филмот од сиве овие седум години, не можам да ги тргнам од пред очи оние кои продефилираа во салата „Јане Сандански“, зборам за оние ГОЛЕМИТЕ, за ДИРИГЕНТИТЕ во нашата држава.

Итаа во сала, да направат селфи, особено кога беше важна трката за ВЛАСТА во Македонија, имаше и случај кога со себе носеа фоторепортер, така им беше најубаво да можат сами да си ја одберат фотографија и да ја „плеснат“ на својот ѕид на „Фејсбук“, „Твитер“, „Инстаграм“…

Велеа дека спортот е најважен, ветуваа, ветуваа, ветувааа…

Знаеја дека ова ќе се случи ама се чини нивната цел е друга. Да нивната цел не е СПОРТОТ, нивната цел е лична пресметка, ете на крајот успеаја, ја направија најголемата глупост.

РАЗОЧАРАВТЕ!

И нема да должам многу со текстов, само за крај ќе порачам:

Епа драги ГОСПОДА и ГОЛЕМЦИ со среќа следните КАМПАЊИ, ќе се „СЛИКАТЕ ВО ПРАЗНА САЛА“, а вие вечни хејтери од новинари до обични луѓе ужувајте во следните денови на СПОРТСКИ МРАК ВО МАКЕДОНИЈА.