На силен меѓународен турнир „Бранко Хаџи Иљоски – Чајка“ машката одбојкарска репрезентација на Македонија ќе ја дефинира формата за премиерниот настап на Европското првенство во септември годинава.

За првпат најстариот турнир во календарот на ОФМ, ќе се одржи во Скопје, а не во Тетово, поточно во салата „Кале“ на 30 и 31 август, а покрај Македонија како домаќин ќе учествуваат и селекциите на Бугарија, Белгија и Украина.

„За првпат, во своето 43. издание, турнирот ’Чајка’ ќе се игра во Скопје, а не во Тетово. Одново меморијалот е ставен во функција на нашиот национален тим и тоа е и причината што се одлучивме на ваков чекор. Свесни сме колкава е важноста на настапот на ЕП за нашата репрезентација, направивме напори да имаме силни учесници, што дополнително ќе помогне во квалитетните подготовки на тимот. Од следното издание, секако, турнирот повторно ќе се одржува во Тетово“, објасни за СПОРТМЕДИА главниот организатор, Ивица Хаџи Иљоски.

Одбојкарската репрезентација ќе дебитира на едно ЕП во септември, како дел од групата Ц во Љубљана, заедно со домаќинот Словенија, Турција, европскиот првак Русија, Финска и Белорусија.