Пишува: Зоран Ѓоршоски

Вардар не и даде на Ренова четири „парчиња“,но сепак слатко и се одмазди за оние 0:4 во Тетово во второто пролетно коло. И тие 2:0 беа сосема доволни вицепрвакот да освои три бода и да докаже дека добрата пролетната форма е во континуитет, и дека Вардар нема намера на А. Пандев да и го препушти тоа второ место. А А. Пандев загуби од Беласица, се случи мало „чудо“ во Турново. Во градското дерби Беласица успеа не само да го постигне првиот гол, да го освои првиот бод против „пандевци“ сезонава, туку и да слави победа. Она што на минатите три меча беше научна фантастика за Беласица, вчера и се оствари. Можеби очекувано ако се погледне составот на „пандевци“ со кој настапи на овој натпревар, очигледно е дека овој тим, откако ја „обезбеди“ Европа ќе се чува за финалето на Купот.

ШАМПИОНОТ НА 3:0 ДИГНА РАЧНА…

И во 13 натпревар по ред во изминатите 6-7 години, Шкендија не е поразена од Македонија ЃП. Традицијата е зафркната работа, и во шестиот меч по ред на свој терен против „лавовите“, тетовци убедливо победуваат. Шкендија во првите 45 минути беше маестрална, постигна три гола и можеше да постигне барем уште три. Но во вториот дел како да дигна рачна, не беше се така распеано во составот на Ќатип Османи во тие моменти, затоа тој беше лут на своите момци по мечот. Шкендија ја личи да игра во исто темпо во текот на целиот меч. Не смее да си дозволи од 3:0 на крајот да биде 4:2.

ЧАИРЧАНИ ПОВТОРНО ПОБЕДУВААТ

По оние пет порази по ред Шкупи им се врати на победите. Вчера во Кочани чаирчани просто си поигруваа со Победа, тие 3:0 се вистинско мерило на разликата во квалитет меѓу двете екипи. Сега Шкупи е четврти, пред Работнички и Ренова во таа нивна битка за тоа 4.место на табелата кое можеби ќе води во Европа. И на крај да споменеме за случувањата во Кратово. Силекс го победи Работнички, да, имаше некои спорни моменти во корист на домашните, но ако Гофри на 0:0 го погодеше зицерот и Работнички поведеше со 1:0, е тогаш „песната“ ќе беше весела за „романтичарите“. Вака Баже Лазаревски во петтиот меч како стратег на Работнички го забележа и првиот пораз.