Големата македонска надеж, Ненад Димитријевиќ се најде на списокот на пријавени играчи на овогодинешниот НБА-драфт.

Според информациите до кои дојде „СПОРТМЕДИА“, тој има шанса и следната година да конкурира и доколку успее во тоа ќе стане првиот Македонец кој преку драфтот стигнал до најсилната лига во светот.

Во минатото во НБА за малку ќе завршеа Владо Илиевски и Предраг Самарџиски, но во последен момент се откажаа. Перо Антиќ е единствениот Македонец кој настапувал во оваа лига, но до Атланта стигна директно од тимот на Олимпијакос.

Плејмејкерот веќе долго време е во редовите на Хувентуд, прво беше дел од младинскиот состав, а потоа стана дел од првиот тим. До таму дојде од екипата на „Јуниор“.

Димитријевиќ е стандарден кошаркар, добива редовна минутажа, за неговите квалитет веќе долго време се зборува во Шпанија, што пак не е случај во Македонија.

Тој не по своја вина влезе во „војна„ со МКФ, беше пријавен во ФИБА, а откако од таму не стигна никаква казна, од федерацијата си измислија смешна суспензија.

Нено не доби повик за настап во нашата најдобра репрезентација, тој е една од многу жртви на лошата политика која владее во нашата „куќа на кошарката“.