Кандидатот за претседател на МКФ, Перо Антиќ, во емисијата „Лица“ на Анета Кочишки, зборуваше отворено за многу работи, пред се неговата кандидатура, како и за „препукувањето“ на социјалните мрежи со засега единствениот официјален противкандидат, Владимир Темелковски.

Антиќ вети дека такво нешто веќе нема да се случи, односно како потенцијален прв човек на кошарката во Македонија, ќе држи ниво во иднина.

„Треба да држиме некое ниво и нема да се повтори во иднина, барем од моја страна. Јас одговорив, иако требаше да се воздржам. Ако некого сум го навредил со тоа што го кажав, иако мислам дека сум во право, се извинувам. Во иднина нема да се повтори. Мора да држиме некое ниво кое соодветствува со кандидатурата“ – изјави Перо Антиќ.

Тој претстави и дел од својата кандидатура каде откри дека доколку тој биде претседател на МКФ, неговите поранешни тренери Дуда Ивковиќ и Жељко Обрадовиќ ќе бидат вклучени во Федерацијата.

„Ивковиќ и Обрадовиќ се генијалци, тренери од врвот на европската кошарка со кои сум имал чест и задоволство да работам. Тие ќе бидат вклучени во работата на Федерацијата доколку бидам претседател на МКФ, да ги едуцираат тренерите. Тоа е веќе ставено во мојата програма и е прифатено од нив“, објасни Антиќ и додава: „Планот што го имаме со мојот тим е да ја вратиме кошарката во Македонија, таму каде што треба.“