Вардар ситно брои до првиот четвртфинален натпревар против Пик Сегед во Лигата на шампионите, кој е закажан за четврток во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 20 часот.

По објавата на газдата на клубот, Сергеј Самсоненко дека „крева“ раце од клубот, на никого во таборот на македонскиот првак не му е сеедно, иако ракометарите се во шок, сепак цврсто се решени со стил да си заминат во Скопје.

„Спортмедиа“ денеска беше на тренинг на Вардар, атмосферата е нормална, дури и двајцата повредени ракометари, Кристијан Дисингер и Калифа Гедбан беа присутни. Онаа горчина, шок и жал, од прв до последен ја притиснаа длабоко во себе, не дозволуваат да ја уништи последната европска ракометна фешта пред фановите.

„Ситуацијата е специфична, Сергеј рече дека ќе се тргне од клубот по завршување на сезоната. Сите бараме клубови не знаеме што ќе биде. Како што кажав не е идеално, но заедно одлучивме да бидеме професионалци до крајот на сезоната. Вардар ќе биде истиот тим како што беше до сега“, вели Сташ Скубе.

Скубе заедно со Сергеј Горбок најдобро го познаат противникот, двајцата заедно беа дел од Пик Сегед, а Словенецот немаше разделба како што посакува.

„Со Сегед не се разделивме најдобро. Не беше убаво тоа што се случи, но јас сум играч на Вардар и ќе пробам да одиграм најдобро што можам. На теренот нема да размислувам за она што било, немам замерки, навистина. Ќе биде супер да ги победиме. Но, имаат добра екипа шансите се 50-50. Знаеме како функционираат како се спремаат, имаат сличен систем на работа како нас, кај сите Шпанци е исто. Што се однесува до нас, добро се спремаме гледаме видео, ќе пробаме тактични да ги изненадиме“.

За дуелот меѓу Вардар и Пик Сегед во слободна продажба има останато околу 100 билети на стоење.