Кадетскиот репрезентативец Марко Кизиќ е се поизвесно дека ќе биде голманот на чија поддршка во ротацијата ќе може да смета Србинот Дејан Милосављев на голот на Вардар за двомечот со Пик Сегед во четвртфиналната фаза од Лигата на шампионите.

Алжирецот Калифа Гедбан и натаму се рехабилитира од повредата во полуфиналето на СЕХА Ф4 против Мешков Брест и најверојатно, дури и да се најде во составот, Роберто Парондо нема да може сериозно да смета на него.

Од тие причини, како и од фактот дека во ЛШ Вардар има пријавено само тројца голмани (Милосављев, Гедбан и Кизиќ), најмладиот член на вардаровиот тим беше во составот на последните четири натпревари (два првенствени и два од Купот), од кои единствено не доби шанса на средбата со Еурфарм Работник.

Вардар, го задржа своето право како клуб, да не дозволи голманот да биде дел од кадетската селекција која претходните денови настапи на подготвителниот турнир во Бугојно, кој беше надвор од рамките на ЕХФ неделата и ги искористи услугите на Кизиќ за да се најде на Ф4 во Купот на Македонија и да има „два од два“ во одбраната на шампионската титула.