Германскиот интернационалец Кристијан Дисингер последниот натпревар во „црвено-црните“ редови го одигра во полуфиналето со Мешков Брест на СЕХА Ф4 во Брест. Него веќе нема да го видиме до крајот на сезоната, односно воопшто како вардаров ракометар на теренот, со оглед на тоа дека оди на операција.

Дисингер има скршеница на лактот, но со оглед на тоа дека нема болка и може слободно да ја движи раката сакал да ја одложи операцијата и да се обиде да му помогне на тимот, на евентуалниот настап на Ф4 во Келн.

Но, со новонастанатата ситуација (распаѓањето на тимот) Германецот одлучи да го смени мислењето.

„Имам скршеница на лактот, но моја желба беше да се обидам со терапии да ја санирам повредата со оглед на тоа дека немам болка и можам да ја движам раката. Сакав да му помогнам на тимот и да играм доколку стигнеме на Ф4 во Келн, па потоа во текот на летниот период да направам операција. Но, сега ситуацијата е сосем поинаква. По зафатот ќе ми требаат три месеци рехабилитација, а со оглед на тоа дека следната сезона немам клуб, морам да мислам и на тоа. Затоа направивме нови снимки на лактот и во зависност од нив ќе дефинирам заедно со лекарите кога ќе ја направам операцијата“, изјави за СПОРТМЕДИА, Кристијан Дисингер.

Дисингер од трибините ќе го бодри Вардар во двомечот со Пик Сегед во четвртфиналето од Лигата на шампионите.