Дојдовме на крајот. Една поинаква прес-конференција денеска одржаа вардарци, овој состав на македонскиот тим заминува во историја. Колку им е тешко на сите можевме да видиме од капитенот, Стојанче Стоилов, големиот борец.

„На сите убави нешта доаѓа крајот, убаво беше додека траеше. Сергеј не дојде да ни каже лично, затоа не знаеме каков ќе биде Вардар, дали ќе постои. Ние треба да сме благодарни за нас како играчи, за Скопје, за Македонија, го дигна спортот на високо ниво. Мене ми е најтешко, ова е мој клуб, тука сум пораснат во овој град, како навивач на Вардар. Животот продолжува, останува Сегед во мислите. Имавме проблеми цела година околу тоа, околу повредени играчи. Во клубот играчите се победници“, рече капитенот.

Што се однесува до дуелот со Пик Сегед рече:

„Најважен меч оваа сезона. Можеби последен натпревар во ЛШ на овој Вардар што го знаеме, но тоа е ставено на стенд-бај, знаеме колку е важен овој двомеч, тие се фаворити, ќе дадеме се од себе, се надевам пред полна сала ќе направиме се што можеме, да го победиме Сегед и да бидеме на чекор до Ф4. Тоа што сте го видиле од Вардар досега борба повторно ќе го видите“.

Дуелот меѓу Вардар и Пик Сегед е закажан во четврток со почеток во 20 часот, во слободна продажба останаа уште 20 билети за стоење.