Најважниот натпревар сезонава во Лигата на шампионите Вардар го игра вечерва, 20 часот, кога во СЦ „Јане Сандански“ го пречекува Пик Сегед во првиот меч од четвртфиналето. Значаен е не само за да се стекне стартна предност во последната фаза од елиминациите кои водат на Ф4 во Келн, туку и поради фактот дека натпреварот ќе биде полн со емоции, затоа што и вардаровите ракометари и ракометните љубители ќе се збогуваат од овој шампионски тим, кој го славевме во изминативе седум години.

Свесни се за тоа „црвено-црните“ момци, свесни сме и ние дека вечерва се пишува последната страница на домашната сцена, за да се дојде до нова блескава историја.

„Последен натпревар дома, во ’Јане Сандански’… ќе биде тешко, ќе надвладеат емоциите на крајот. Но, со поддршка од нашите навивачи, со пеколна атмосфера, ќе дадеме сè од нас и ќе играме за сите, за нас, за публиката и секако за пласман во Келн“ – дециден е Сергеј Горбок.

Екс-ракометарот на Пик Сегед во моментов е единственото решение на позицијата лев бек, по повредата на Дисингер и заминувањето на Борозан, а прашан како се чувствува поради тоа вели:

„Зошто само јас, го имаме и Карачиќ (се смее). Тој покажа дека добро знае да се снајде во таква ситуација. Ќе видиме, подготвуваме нешто, работиме да најдеме начин да го изненадиме противникот.“