Дојдовме до последното поглавје од бајката силен и европски Вардар. Вечерва во СЦ „Јане Сандански“ завесата се спушта, но овој пат најверојатно така и ќе остане кога станува збор за мечевите од Лигата на шампионите.

Наместо вообичаената еуфорија, чувствата се измешани: Горчина, тага и бес, три во едно. Пред десет дена во чаршијата муабетот беше поинаков, но преку ноќ се се смени.

Не сакаме да очајуваме, но ете таков е денот, не можеме да поминеме преку фактот дека ракометарите веќе се продаваат и преку социјалните мрежи се простуваат со Македонија и Македонците, а фановите за последен пат на домашен ќе го бодрат овој состав на „црвено-црните“.

Пик Сегед дојде во Скопје со надеж дека „распадот“ на Вардар ќе биде доволен за да си замине со целиот плен за да го скрши филмот.

Не сакаме да бидеме во ваша кожа, ниту одблиску не можеме да замислиме што се ви минува низ глава, низ какви моменти поминувате, но едно ќе ви порачаме:

„Нека последната скопска вардарова бајка биде посебна, играјте за вас, за нас, за оние стари добри времиња. Завесата во „Јане Сандански“’ нека се спушти победнички, а Келн да биде круна“.