Ако некој во редовите на Вардар знае точно како функционира четвртфиналниот ривал во Лигата на шампионите, Пик Сегед, тоа се двата бека Сергеј Горбок и Сташ Скубе, како и стратегот Роберто Гарсија Парондо, кои во своите кариери биле дел од унгарскиот тим.

И токму тоа треба да биде таличната тројка, која своето знаење треба да го пренесе на тимот и да биде клучот за она што ќе ја направи разликата и ќе го одлучи победникот. Горбок и Скубе се со најсвежа меморија со оглед на тоа дека во август лани од Сегед се преселија во Скопје, додека Парондо, кој учел од Пастор премиерно ќе има шанса да се надмудрува со него од клупата.

„Знаеме и јас и Сергеј точно како функционираат, како тренираат. И Роберто го знае тој систем, бил дел од клубот. Имаат доста сличен начин на работа како и нас. Така е кога имаме Шпанци за тренери, нивниот начин на работа е сличен. Анализиравме многу, се обидуваме да поставиме некои нови ситуации со кои ќе ги изненадиме. Нема многу филозофии, кога ќе започне натпреварот треба секој да го одработи своето и ќе видиме кој ќе биде подобар. Сегед е одлична екипа, ние сме одлична екипа и мислам дека шансите се 50-50“, вели организаторот на вардаровата игра, Сташ Скубе.