Дејан Милосављев долго време ќе ја памети годината мината во дресот на Вардар. Овој млад голман дојде на местото на големиот Арпад Штербик, машки прифати да застане на мрежата на македонскиот првак.

Многумина не веруваа во ова момче, кое од меч во меч, покажа дека местото му е меѓу „црвено-црните“. Оваа сезона никој не почувствува дека во составот го нема она големо име Штербик.

Српскиот голман за кратко време ги придоби симпатиите од фановите, неговите одбрани беа само дел од онаа магична сложувалка која во Лигата на шампионите „мелеше“ се пред себе.

По дуелот со Пик Сегед на кој забележа десет одбрани сподели емотивна порака. Ова момче вчера не можеше да ги сокрие солзите, тие доволно говореа како се чувствува.

„Денеска е денот кога почувствував нешто повеќе од ракомет. Ви благодарам на сите за се што ми пруживте. Фала Вардар, фала на луѓето кои беа цело време со нас.

Денеска не можев многу да зборувам, беа само солзите, но тие доволно говореа. Фала Македонија, фала Вардар“, пиша Милосављев, кој токму во Скопје ги отвори портите кон блескавата кариера.