Како што неофицијално дознаваме, Фудбалската Федерација на Македонија и Игор Ангеловски биле во преговори за евентуално продолжување на соработката на најмалку уште една година. Познато е дека на Мрме договорот со ФФМ му истекува во октомври – ноември, токму во периодот кога ќе бидат во ек завршните натпревари од квалификациите за пласман на ЕП 2020, па така со цел да нема никакви перипетии, Федерацијата веројатно сака да се осигура. Ако преговорите вродат со плод, а нашите информации посочуваат дека има големи шанси за такво нешто, тогаш Игор Ангеловски ќе биде селектор на нашата најдобра фудбалска репрезентација најмалку до јуни следната година.

Тоа значи дека Мрме ќе ја води Македонија и во баражот во Лигата на Нации, се разбира ако има потреба да играме во полуфиналето со Косово, ако претходно низ сегашните квалификации не избориме директен пласман на ЕП. Ангеловски седна на селекторското столче во ноември 2015 година, досега ја предводеше нашата репрезентација на 29 натпревари, има 13 победи, шест ремија и десет порази. Резултат кој го прави процентуално најуспешен селектор во самостојна Македонија. На Мрме му недостигаат уште два меча па да го достигне Драган Канатларовски, кој на 31 меч ја предводеше Македонија.