Екипата на Фенербахче имаше уште еден измачувачки натпревар во турската Супер лига, а овојпат успеа да извлече само бод против Трабзон. Цела сезона им е хаотична на „канаринците“ се мачат да избегаат од опасната зона и го држат 14. место на табелата. И денеска губеа од Трабзон по првото полувреме, останаа со играч помалку во 71 минута (Чифтпинар црвен картон) и го изедначија резултатот во 97 минута преку Матје Валбуена. Французинот нафрли, а топката ги измами сите и заврши во мрежата. Првично се чинеше како Елмас да ја затресол мрежата, но снимката покажа дека македонскиот интернационалец не ја допрел топката на патот до мрежата.

Радоста беше голема затоа што е освоен драгоцен бод во битката за опстанок. Еее, до каде стигна Фенер да се радува на бод за опстанок. Некогаш бркаше бодови за титула, а сега за спас.

Интересно, Фенер во досегашниот дел од сезоната не освои максимални шест бода против ниту една екипа односно никого не го победи двапати (дома-гости). Тоа е само показател колку се немоќни оваа сезона.