Австријанецот Доминик Тим го елиминираше 11-кратниот освојувач на турнирот од серијата 500 во Барселона, Рафаел Надал во полуфиналето во главниот град на Каталонија и обезбеди пласман во финалето.

Главниот фаворит беше поразен со 6:4, 6:4, во меч во кој неговиот ривал делуваше комплетно инспириран и едноставно не остави простор Надал да направи нешто.

Тим во финалето ќе се соочи со Русинот Данил Медведев, кој во полуфиналето со 2:1 (6:4, 3:6, 7:5) славеше над Кеи Нишикори. Во првиот сет на Русинот му беше доволен само еден брејк за водство, но Нишикори на ист начин се врати во вториот сет. Во решавачкиот Јапонецот беше прв кој дојде до шанса за победа, но Медведев двапати му го одзема сервисот и на крајот стигна до финалето.

Финалето во Барселона е закажано за утре во 11 часот.