За тоа колку беше силна групата А од групната фаза од Лигата на шампионите сезонава најдобро говорат резултатите постигнати по одигрувањето на првите натпревари од четвртфиналната фаза од најсилното европско клупско натпреварување.

Вардар и Келце блескаа пред своите фанови, додека Барселона беше самоуверена на теренот на Нант, а моќно делуваше и Веспрем во Флензбург. Поточно четирите екипи кои од групата А патуваа во елиминациите, се пред пласман на Ф4 во Келн.

Сите имаат комотна разлика во пресрет на реваншите. Тргнувајќи од оние +6 (22:28) на Веспрем, па преку +7 (25:32) на Барселона, вардарци со осумте гола предност над Пик Сегед (31:23) беа на врвот на градацијата до вечерва… Денеска Келце му одржа таква лекција на големиот ПСЖ и со двоцифрени 34:24 ќе патува на реваншот во Париз.

Расплетот го очекуваме претстојниот викенд, но доколку не се случи некое спортско чудо делува дека веќе е познато кои четири екипи ќе влезат во финалните дуели за титулата, која и натаму официјално му приипаѓа на Монпеље.