Фудбалерите на Сити вчера како гости го победија Барнли со 1:0 во рамките на 36.коло на Премиер лигата и се вратија на првото место на табелата. Со тоа „граѓаните“ имаат отворен пат до титулата затоа што останаа уште две кола до крајот. „Граѓаните“ со многу мака го победија Барнли, а единствениот гол го постигна Агуеро во второто полувреме.

Со тој гол Сити изби на чело со поен предност во однос на Ливерпул на две кола до крајот.

Токму ВАР технологијата одлучи дека тоа е погодок. Агуеро ја испрати топката кон голот, а еден од играчите на Барнли ја исфрли, меѓутоа видео-технологијата покажа дека е гол. На снимката се гледа дека топката ја поминала гол-линијата за 29,5 милиметри.

Се враќаме наназад. На директниот дуел помеѓу Сити и Ливерпул на „Етихад“ кој заврши 2:1. И тука беше употребен ВАР системот во една ситуација кога Ливерпул постигна гол. Сите мислеа дека тоа е чист погодок, но судијата побара помош од ВАР собата. Немало гол, затоа што фалеле само 12 милиметри топката ја помине линијата и да биде потврден гол за Ливерпул. И во таа ситуација Лапорте ја исфрли топката во поле пред таа да влезе во голот.

Токму овие моменти можат да го одлучат шампионот на Англија. Сепак, до крајот има уште две кола па да почекаме да видиме што ќе се случи. Идното коло Сити е домаќин на Лестер, а Ливерпул гостува во Њукасл. Во последното коло Ливерпул ќе се соочи со Вулверхемптон на „Енфилд“, а Сити е гостин на Брајтон.

Ако во нив не се случи ништо спектакуларно тогаш во Ливерпул можат да жалат и да велат дека се најнесреќните оваа сезона. Две ситуации со гол-технологија, а ниту една не е во нивна корист.