Првите четвртфинални натпревари во Лигата на шампионите веќе ги најавија патниците на фајнл-фор завршницата во Келн. Вардар, Веспрем, Барселона и Келце сосема неочекувано забележаа убедливи победи, позитивата од седум до десет гола треба да биде доволна за заверка на билетот меѓу четири најдобри екипи во Европа.

Но, спортот е непредлив, а чудата се главен составен дел. Токму од оваа мисла се води Пик Сегед. По поразот од Вардар во Скопје (31-23) на унгарскиот тим му потонаа сите соништа, имаше одлична сезона во Лигата на шампионите, веруваше дека овој Вардар со сите проблеми нема да одигра врвно. Но, доби шлаканица…

Иако осум гола е голема негатива, неколку дена по поразот, стигна абер од Сегедин. Унгарците на Вардар му најавија фајтерски меч, порачаа дека нема да се предадат, ќе сторат се за да се најдат во Келн.

„ЌЕ СЕ БОРИМЕ“, велат од Пик Сегед. „Ги имаме фановите, не сакаат и не подржуваат, тие ќе ни дадат сила. Нашата ситуација е комплицирана, нема да биде лесно, но ќе докажеме дека можеме многу повеќе. Во следните денови максимално ќе се подготвиме за реваншот со Вардар. Се надеваме дека салата ќе биде полна, ќе навивате со сето срце“, ова е порака на унгарскиот тим.

Мечот меѓу Пик Сегед и Вардар се игра во недела со почеток во 19 часот. Македонскиот првак е пред нова историја, да го запечати третото учество по ред на завршницата во Келн.