Кошаркарите на МЗТ Скопје ја пропуштија и втората шанса да се вратат во најсилната јадранска лига, откако во мајсторката од баражот загубија од Задар. „Металците“ направија „брејк“ и тргнаа со 1-0 во серијата на гостински терен, но откако не успеаја работата да ја завршат дома, одново се вратија во Задар, каде не добија нова шанса.

Стратегот Ѓорѓи Кочов тоа и го потенцираше по поразот со кој стана јасно дека и следната сезона МЗТ ќе игра во АБА 2 лигата.

„Честитки за Задар. Тие со победата во Скопје си го обезбедија опстанокот во АБА лигата. Денеска беа подобар противник, додека на нас ни недостасуваше Воиќ во ротацијата. Нашите високи играчи пребрзо направија четири – пет фаули… Се вративме од 12 поени негатива, дојдовме во егал завршница и не ја искористивме шансата… Тоа е, не знам што да кажам. Покажавме дека може да играме со нив и покрај тоа што се поискусна екипа, но јасно е дека оној натпревар во Скопје ќе го паметиме многу долго. Таму ја загубивме шансата… влеговме во грч, не реализиравме десет слободни фрлања дома…“, очигледно лут и нервозен одговараше на прашањата Кочов.