Кире Маркоски беше еден од најзаслужните што Спартак Трнава успеа да го освои трофејот од Купот на Словачка. Македонскиот репрезентативец даде два гола во триумфот на црвено-црните од 4:1 на пенали против Жилина откако во регуларниот дел мечот заврши 3:3. Тоа беше јубилејно 50. финале на словачкиот Куп.

Маркоски за „Спортмедиа“ ги пренесува импресиите од натпреварот и неговиот престој во Спартак, со оглед на тоа дека игра како позајмен од кипарски АЕЛ.

„Според мене натпреварот беше многу интересен и неизвесен до последната секунда. Можеа да се видат сите елементи што би требало да ги содржи едно куп финале и нормално среќен сум што позитивно заврши за нас“, кој кажа збор-два за головите.

„На еден ваков натпревар секој гол е важен и многу сум среќен што успеав да дадам два, но во секој случај тимската игра и тимскиот дух е тој што на крајот победи, иако малку се помачивме и примивме три наивни гола, од ситуации каде не треба да се греши“, вели поранешниот играч на Работнички.

ПРЕЗАДОВОЛНИ СМЕ, ГО ОСТВАРИВМЕ ТОА ШТО ГО ЗАЦРТАВМЕ

Спартак не успеа да ја одбрани шампионската титула која замина во витрините на Слован Братислава, но барем се утеши со куп-трофејот и одново ќе го гледаме на европската сцена поточно во Лигата на Европа.

„Се разбира дека атмосферата е на највисокото ниво, еуфоријата сигурно ќе не држи уште неколку дена, но се разбира дека се уште имаме важни натпревари пред нас и фокусирани сме на нив. Целата управа и капитенот се презадоволни, пред се затоа што се боревме и со последните сили успеавме да го направиме тоа што повеќето мислеа дека е невозможно“, додаде крилниот фудбалер.

„Во Спартак Трнава се чувствувам одлично, супер ми (ни) оди, но моето останување или евентуално враќање во АЕЛ Лимассол не зависи само од мене, тука се многу фактори во игра. Во секој случај, битно е да продолжиме по овој позитивен пат и да видиме каде ќе не однесе“, заврши репрезентативецот.