Шпанскиот играч Чави Ернандез ќе се пензионира на крајот на сезоната и ќе почне тренерска кариера. Ветеранот кој има 39 години ја смени омилената Барселона со Ал Сад од Катар во 2015 година и ги поминува последните недели како играч. Поточно ќе одигра уште три натпревари до крајот на сезоната, последниот на 20 мај и потоа ќе почне тренерска кариера.

„Ова е мојата последна сезона како фудбалер. Едвај чекам да почнам да работам како тренер. Мојата филозофија се потпира на идејата која ја развивавме со години под раководство на Јохан Кројф и во „Ла Масија“. Чувствувам дека треба да му вратам на фудбалот. Поминав две децении како фудбалер, а сега ќе го пренесам моето знаење на помладите“, вели Чави кој не откри во кој клуб ќе почне да работи.

Според шпанските медиуми веројатно ќе почне во Ал Сад, клубот во кој ја заврши кариерата и ќе му помага на Катар да го крене фудбалот на уште повисоко ниво и да биде спремен за Светското првенство во 2022 година.