Дуелот на двата тима без пораз во Супер-лигата му припадна на МЗТ Скопје, на домашен терен го совлада Гостивар со 95-91 и се зацврсти на првото место на табелата.

Избраниците на Ѓорѓи Кочов се намачија за да дојдат до двата бода, ваквата игра беше очекувана по оној удар на гостувањето кај Задар за враќање во АБА-лигата. Фактот дека титулата во домашниот шампионат е последната сламка за спас на сезоната беше повеќе од доволен мотив да се добие незгодниот Гостивар, кој пак одигра уште еден одличен меч.

Овие неизвесни битки радуваат, кој не сака неизвесна трка за титулата во која нема фаворити.

Предраг Самарџиски запиша дабл-дабл од 27 поени и 13 скока, зад него со 20 поени беше Дамјан Стојановски. На другата страна Џозеф Фустингер броеше до 27 поени, додека Александар Костоски до 19.