Пик Сегед в недела го пречекува Вардар во реваншот од четвртфиналето во Лигата на шампионите. Осум гола негатива има унгарскиот првак, кој ќе се обиде на домашен терен да најде начин да ги неутрализира доколку сака да го види Келн. Искусниот Карлос Пастор добро го знае тоа и работи да најде формула со која ќе го победи Вардар и ќе донесе историски успех на клубот.

„Не чека тешка задача во недела вечер, но трпението е најважно. Покажавме сезонава дека може да играме на високо ниво, дури и во ситуација кога бркаме голема негатива, па така и сега. Важно е да играме добро пред се во одбраната, но и во нападот. Да не брзаме, да не правиме глупави грешки. Да поставиме високо ниво на игра и постојано да мислиме на можностите кои се пред нас. Мора да веруваме дека можеме. Вардар ќе се обиде да ја забави играта, да го троши времето, но ние мора да наметнеме наш ритам, само така ќе имаме шанса“ – заклучува Пастор.

Вардарци денеска претпладне ќе го одработат последниот тренинг во Скопје, а потоа патуваат за Унгарија и ќе имаат еден ден за аклиматизација во пресрет на неделниот меч.