По нешто повеќе од 20 години Струга добива прволигаш, тоа може уште утре да се случи ако Струга Трим Лум, во рамките на 24. коло во Втората Лига – Запад, успее да победи на гости кај Пелистер. Може и со реми, ако Лабуништа загуби или ремизира во Гостивар, може и со пораз, но само ако Лабуништа загуби. Во наредните четири кола на Струга Трим Лум математички и се потребни три или ни толку бодови, за да го оствари сонот кој трае четири години, од основањето во 2015 година, а тој сон е Прва лига. Трим Лум, како сопственици на клубот секако дека имаат право да бидат горди.

„УРАГАНОТ“ ДОПРВА ЌЕ ЈА ПИШУВА ИСТОРИЈАТА…

Значи Струга Три Лум, или „ураганот“ како што милуваат самите себе да се викаат луѓето од клубот, уште утре по 18 часот може и официјално да се нарекува прволигашки клуб, член на елитната лига на Македонија за следната сезона 2019/20. Конечно стружани, потоа самиот град Струга по Караорман, еве по цели 20 и повеќе години дочекаа свој тим во елитата. Струга Трим Лум допрва ќе ја пишува историјата, клубот има завиден буџет, поголем од половина екипи во Прва лига, има амбиции да игра видна улога во мак – фудбалот, па затоа не треба да биде изненадување ако за година – две Трим Лум се бори и за висок пласман во елитата. Но за тоа потоа, сега приоритет е утрешниот меч во Битола, и освојувањето на трите бода. Стружани велат дека без разлика дали утре или наредната сабота станат официјални членови на Првата лига, тие докрај ќе играат на три бода, сакаат со стил да влезат во елитата. И така треба, така размислуваат амбициозните клубови кои го привлекуваат вниманието на пошироката фудбалска јавност.