Хамбургер некогаш палеше во германската Бундес лига, а беше и европски првак, а сега не може да избори пласман во најсилната германска лига. Планот за експресно враќање во елитата пропадна откако денеска „гордоста на северот“ доживеа дебакл на домашен терен од Инголштат (0:3). А ХСВ во првиот дел од сезоната добро се држеше, добро го почна и вториот дел и потоа „крена рачна“. Ривалите тоа го искористија.

А денеска против аутсајдерот, ниту 50,000 навивачи не им дадоа ветер во грбот на играчите на Хамбургер кај кои дефинитивно нешто не е во ред. Не е само овој пораз во прашање, екипата веќе седум кола не знае за победа. Испушти многу бодови и сега е дури на четвртата позиција.

Последниот триумф им беше против локалниот ривал Ст.Паули со 4:0, потоа следуваа четири порази и само три ремија. Во претходните две кола запиша два порази, еден од конкурентот за Бундес лигата Унион Берлин од 2:0, и сега од Инголштат кој, пак, со овие три бода избега од опасната зона (моментално е на позицијата за плеј-оф за опстанок).

Ситуацијата на табелата е следна. Келн е прв со 59 бода и меч помалку, Падерборн втор со 54, а Унион трет со 53 но има и меч помалку. ХСВ е четврти исто така со 53 бода. До крајот има уште две кола.

Сепак за Хамбургер не е се така црно. Идното коло ќе игра против Падерборн и со победа може да се врати во игра за директен пласман во Бундес (ако Унион киксне утре) или во најлош случај да се бори за третото место кое носи во бараж за пласман во најсилната германска лига (според моменталната ситуација ривалот би бил Штутгарт).

КОМПЛЕТНА ТАБЕЛА ОВДЕ