Што се случи со Ајнтрахт, тимот кој е хит во Лигата на Европа и кој се обидува да избори пласман во Лигата на шампионите преку првенството? Вечерва четата на Ади Хитер се посрамоти како никогаш досега. Ги разочара своите навивачи, како и сите други кои покажаа симпатии кон клубот од Франкфурт по фантастичните и фуриозни настапи во Лигата на Европа сезонава.

Ајнтрахт е поразен на гостувањето кај Баер Леверкузен со неверојатни 6:1! И што е уште поинтересно, сите голови беа постигнати во првото полувреме поточно во период од првата до 36. минута.

Ајнтрахт е посрамотен и понижен и тоа неколку денови пред реваншот од полуфиналето на Лига Европа против Челси. Иако тргна без неколку првотимци (Јовиќ, Гачиновиќ беа на клупата) но вакво нешто не смееше да си дозволи.

Сега Баер и Ајнтрахт се изедначени на четвртата односно петтата позиција на табелата со по 54 бода, а до крајот има уште две кола (тимот од Франкфурт е четврти поради подобра гол-разлика).

Ова, сепак, не е најубедливиот пораз на Ајнтрахт во Бундес лигата, затоа што двапати тимот од Франкфурт губел со 7:0, дома од Карлсруе во 1964 и гости против Келн во 1983 година. Но секако ова е еден од најсрамните нивни резултати во историјата, а првпат му се случува на Ајнтрахт по првото полувреме да губел со 6:1. Исто така првпат Баер Леверкузен имал толкава предност по првите 45 минути во клупската историја.

Исто така ова е бундеслигашки рекорд по број на голови од една екипа во прво полувреме.