Спортмедиа во Сегед, Весна Николовска и Марија Ковачева

Фото: Петр Стојановски

Каква пеколна дебитантска сезона на Роберто Гарсија Парондо како стратег на еден елитен машки клуб… За само девет месеци од новајлија на жешкото „црвено-црно“ столче, прерасна во легенда и со само 39. години ќе биде најмладиот шпански тренер, кој ќе води еден тим на Ф4 во Лигата на шампионите.

Со какво потценување гледаа на него кога во август ги стартуваше подготовките со вардарци, никој не му даваше шанса и не веруваше дека ќе може да ги „пополни чевлите“ на Раул Гонзалез. А, тој го стори тоа од прва.

Раул имаше три сезони за да го „кали“ тимот пред историскиот успех и кревањето на трофејот во Келн. Имаше силен, комплетен тим и долга клупа, па во секој момент Вардар како да имаше две стратни постави на теренот… И кога ги донесе „црвено-црните“ во Келн, го нарековме магионичар, Хари Потер…

Но, ако Раул е Хари Потер, тогаш што е Парондо?

На Роберто од почетокот на сезоната му тргна на лошо. Не беше доволно што мораше нови осум играчи да ги адаптира во тимот и притоа сите заедно да го „фатат“ неговиот систем на работа… Следуваше повреда, за повреда, се пократка клупа, се повеќе проблеми… играчки, финансиски…

Но тој успеа да остане мирен, тивок, умерен. Фокусот му беше на играчите, на тимот, на она што треба да го дадат на теренот. И ги водеше ракометарите, низ пеколната група, низ осминафиналето, низ четвртфиналето… кон Келн. Дури ниту поразителната вест на само пет дена пред двомечот со Пик Сегед и хаосот, кој го создаде таа не дозволи да влијае на екипата. Најде начин како во лошото да најде добро, да ги мотивира момците да го дадат најдоброто од себе за крај и да и им ја затвори устата на сите скептици и хејтери.

Алал да ти е Парондо!

Тимур Дибиров на една прес-конференција побара од медиумите да покажат почит кон твојата работа, но избрза малку Русинот затоа што почитта ја имаше цело време од нас, само пофалбата доаѓа на крај, како јаготка на шлагот, како што е и пласманот на Вардар во Келн.