Кошаркарите на Денвер вратија брејк затоа што го совладаа Портланд во гости со 116:112 и на тој начин изедначија на 2:2 во полуфиналната серија на западната конференција на НБА лигата. Најзаслужни за победата на Денвер беа Никола Јокиќ и Џамал Мареј. Српскиот центар го запиша вториот трипл-дабл во полуфиналната серија затоа што заврши со 21 поени, 12 скокови и 11 асистенции. Мареј додаде 34 поени. Впечатлив настап имаше и Пол Милсап со 21 поени и 10 скокови.

Јокиќ смета дека натпреварувачкиот дух е тоа што и помага на неговата екипа да се крене кога не и оди.

„Си рековме дека претходниот меч не е важен ако победиме сега. Беше тешко, но мораме да се бориме. Не се предаваме, имаме момци желни за докажување. Никој од нас не сака да биде поразен“, вели Јокиќ кој ја кажа тајната на добриот настап против Портланд.

„Добро јадев, ја гледав омилената серија, повторно јадев и се наспав. Не размислував за натпреварот“, вели Јокиќ кој е седмиот играч кој забележал четири трипл дабла во плеј-офот во една сезона.