И додека трае еуфоријата по пласманот на Вардар на фајнл-фор завршницата во Келн, и натаму „виси“ судбината на клубот. На социјалните мрежи има иницијатива за спас на македонскиот првак, пред неколку дена почесниот претседател, Михајло Михајловски побара трпение до 10. мај, датум кога одново ќе излезе во јавноста и ќе соопшти нови детали, дали Вардар ќе биде ист како оваа година или пак ќе падне неколку скалила подоле.

Ваквите информации не се доволно убедливи за ракометарите. Тимур Дибиров, кој како останатите игра со срце, во интервју за руската федерација вели дека официјално се слободни играчи, а на останатите информации гледа како гласини.

„Спортскиот директор на клубот ни соопшти дека по оваа сезона, нема да има тим. Ги добивме документите и сега сме слободни агенти. Можноста да се спаси клубот ја третирам како гласина. Јас се водам од официјални информации, а официјалните информации се дека сме слободни играчи. Не можам да коментирам за барањето да се сочека до 10 мај. Повторно се враќаме до фактот, директорот објави дека нема да има клуб, играчите си бараат нови работи“, вели Дибиров.

Рускиот репрезентативец засега нема договор со Мешков Брест како што беше најавено.

„Немам договор со нив. Мешков Брест е заинтересиран. Имам понуди и од други држави. И натаму размислувам, кога ќе биде официјално, клубот веднаш ќе објави. Наскоро, ќе се појават информации и за другите ракометари на Вардар. Средина на мај е, време е да се донесат одлуките“, најави крилото.

Дибиров не крие дека му е тешко, разделбата е неизбежна.

„Имав многу убави моменти овде. Тука се роди мојата ќерка. Се разбира дека ќе биде тажна разделба, Скопје е мојот втор дом. Со чиста совест си одиме од Македонија, со срце исполнето со љубов кон клубот и градот што е многу поврзан со ракометот“.