Ден по ждрепката не стивнуваат информациите поврзани со фајнл-фор завршницата во Лигата на шампиони. Вардар во полуфиналето го доби најтешкиот противник, Барселона, тимот кој игра одлична сезона и според многумина е најсериозен кандидат за титулата.

Но, не секогаш пишаното на хартија станува реалност. Ова Вардар го потврди пред две години, како и на секој меч оваа сезона. Ретко кој се надеваше дека третпат во низа во Келн ќе ги види „црвено-црните“.

Каталонците ја прифаќаат улогата на фаворит, но со голема претпазливост гледаат на полуфиналната пресметка. Она што го видоа на двата меча против Пик Сегед е доволно предупредување.

И текстовите во шпанските медиуми се одмерени, ретко каде може да се прочита дека Барселона е сигурен патник во финалето.

Каталонскиот весник „Мундо Депортиво“ направи анализа и интересна графика за македонскиот првак.

„Речиси никој не очекуваше дека Вардар ќе се врати во Келн, ќе биде единствената екипа која беше дел од минатогодишната завршница.

Тимот го напуштија бројни имиња, Роберто Гарсија Парондо успеа да создаде магија. Дојдоа Скубе, Калараш и Молосављев, тука е Кристопанс како најсилно оружје заедно со Дибиров и Чупиќ. На голот Вардар го има Милосављев кого го нарекуваат „Штербик Јуниор“. Токму тој може да има главна улога на Ф4, нешто што му фали на македонскиот тим“, пишуваат Каталонците.

Вардар и Барселона ја сочинуваат втората полуфинална двојка, дуелот се игра на 1. јуни со почеток во 18 часот. Од таборот на македонскиот првак и официјално објавија информации за начинот на продажба на билети за двата дена.