Организаторот на финалниот турнир во ракометниот Куп на Македонија, ЖРК Куманово ќе биде „предизвикувачот“ на Вардар во женското финале.

Куманово со 29:22 (15:10) славеше над Металург во вториот полуфинален натпревар вечерва и со поддршка на домашната публика в сабота ќе се бори за историски пехар.

Домашните ракометарки ја имаа иницијативата во текот на целиот натпревар, иако Металург се држеше во игра во првите 20-тина минути. Но, откако на полувремето замина со 15:10, во продолжението кумановскиот тим само ја надоградуваше разликата (18:10, 22:14, 27:19), па без посериозни проблеми се промовираше во патник во финалето.

Шарановиќ со 9 гола го предводеше Куманово, додека Дабевска постигна 8, а Боризовска 6. Кај Металург, Калајџиевска постигна 7 гола, додека Гичевска имаше 5 погодоци.

Финалето во Купот на Македонија во женска конкуренција се игра в сабота од 16 часот, каде Вардар игра со Куманово.