Од 2024 година можно е да гледаме нешто сосема ново кога во прашање е Лигата на шампионите. Големите клубови се подготвени да се разделат од малите и да формираат нова.

Сакаат да направат систем според кој ќе гледаме пресметки меѓу богатите екипи, што пак ќе им донесе дополнителна заработка.

Во УЕФА не сакаат да коментираат, но „New York Times“ тврди дека еден од главните планови е реконструкција на најелитното европско клупско натпреварување, во кое 24 тимови ќе имаат сигурно место без разлика како ќе ја завршат сезоната.

Четири екипи во ова друштво ќе влезат преку Лига Европа (полуфиналистите), додека останатите четири места ќе бидат потполнети преку квалификации.

Клубовите ќе бидат поделени во четири групи со по осум екипи, на овој начин ќе има голем број на спектакуларни натпревари.

Во нокаут фазата би влегле по четири тима од секоја група, останатите ќе разигруваат за опстанок. Испаѓање ќе има, но и тоа ќе биде контролирано, составот на лигата не смее да се менува премногу.

Деталите допрва треба да бидат познати, но оваа идеја не ја прифаќаат баш сите екипи, бидејќи промените ќе бидат големи, а Лигата на шампионите нема да биде истата.