Бранителот на титулата Вардар и Металург се екипите кои ќе се соочат во утрешното финале од Купот на Македонија, на Ф4 турнирот, кој се игра во Куманово.

Вардаровите ракометари местото во финалето го обезбедија со победа 35:30 (18:16) над Еурофарм Работник во вториот полуфинален меч.

Без Горбок, Чупиќ и Гедбан, но со Роберто Парондо на клупата вардарци не се форсираа многу. Одиграа со респект кон противникот, запнаа кога беше најпотребно , во последните десетина минути од натпреварот и решија се во своја корист.

„Црвено-црните“ беа апсолутен фаворит, но Еурофарм Работник влезе мотивирано во натпреварот и парираше постојано и покрај фактот дека константно бркаше негатива.

Во првото полувреме најголемата предност на Вардар беше два гола, додека главната разлика ја направија во вториот дел, односно во последните 15-тина минути од средбата кога дојде до 30:25, а потоа и рутински го сведе мечот кон крајот.

Тимур Дибиров, Скубе Сташ и Рожерио Мораес со по 7 гола беа најефикасни вардарци, додека Остроушко со 10 погодоци беше најрасположен во редовите на „фармацевтите“.

Металург и Вардар, утре во 20 часот, во спортската сала во Куманово ќе играат во финалето на Купот на Македонија, а како увертира од 16 часот е финалето во женска конкуренција во кое се соочуваат домаќинот ЖРК Куманово и Вардар.