Во сите натпреварувања во Европа полека завршува сезоната, на програмата се најважните битки. Изминатиот месец беше доста возбудлив, видовме одлични натпревари и добри партии. ЕХФ ги објави двајцата најдобри играчи за април, станува збор за двајца екс-вардарци, Лука Циндриќ и Андреа Пенезиќ Кобетиќ.

Хрватскиот ракометар ќе се врати во „Ланксес Арена“, но како ракометар на Келце. Полскиот тим го елиминираше ПСЖ на Раул Гонзалез.

„Имам убави спомени од Келн и се надевам дека ќе ги повторам со Келце, ќе биде одличен финиш на сезоната“, рече Циндриќ.

Пенезиќ пак со Шиофок ремизираше 21:21 во првиот дуел од финалната серија на гостувањето кај Есбјерг, беше прв стрелец со шест погодоци и го предводеше унгарскиот тим. Реваншот го играат утре на домашен терен каде Шиофок може да се промовира во шампион во второто по силина европско клупско натпреварување во женска конкуренција.

„По десет години во Лигата на шампионите, ЕХФ Купот е прво искуство за мене. Среќна сум што ја добив оваа награда, бидејќи во сите натпреварувања има голем број на добри играчи“, рече Пенезиќ.