Металург е првиот финалист во Купот на Македонија, откако во полуфиналниoт меч на Ф4 турнирот во Куманово со 34:31 (17:15) славеше над дебитантот Бутел.

Ракометарите на Бутел ја имаа иницијативата во почетокот на натпреварот (5:7), но не најдоа комплетно решение за играта на „металурзите“, па така не успеаја да запишат историско клупско финале во Купот.

Металург, пак, по негатива од 5:7 се врати со серија од 6-1 за највисока предност од 11:8 по 20 минути игра. Серијата грешки во организацијата на нападот, како и проблемите со дефанзивната линија на „металурзите“ и со Дупјачанец на голот, нереализираните шанси од седум метри беа причина Бутел да брка негатива до самиот крај на полувремето. Металург ја одржуваше предноста 14:10, односно 16:11, но ривалот се врати во финишот за на пауза да се заминае со резултат, 17:15.

Бутел се врати на почетокот на вториот дел, 17:17, односно 18:18, но следуваше нова низа погодоци на Металург 6-0 (24:18) што му овозможи на тимот од Автокоманда да држи темпо и покрај тоа што Бутел знаеше да се закани (28:26, 30:28), но немаа конкретно решение за комплетен пресврт.

Томислав Јагуриновски со 11 погодоци и Александер Шпенде со 6 гола беа најефикасни во редовите на Металург, додека Мирко Мајиќ со 10 погодоци и Кристијан Василевски со 6 гола беа први стрелци кај Бутел.

Металург во финалето закажано за в сабота (20 часот) ќе се соочи со победникот од второто полуфинале, Вардар – Еурофарм Работник, кое се игра денеска од 20 часот.