Арсенал се пласира во финалето на Лига Европа кое ќе се игра во престолнината на Азербејџан, Баку. Но „топчиите“ ќе имаат проблем затоа што еден нивен фудбалер нема да може да патува. Причината не е повреда, суспензија или нешто слично туку политика. Се работи за Ерменецот Хенрик Мхитарјан.

Ерменија и Азербејџан се во конфликт веќе 25 години. Војната во Нагорно-Карабах ги наруши односите меѓу двете држави. Поради тоа државјани на Ерменија не можат да патуваат во Азербејџан и обратно.

Минатиот октомври кога Арсенал гостуваше кај Карабах во Лигата на Европа, беше без Мхитарјан затоа што Азербејџанците одбија да му дадат виза за влез во државата. Истиот играч во 2015 не можеше да патува со Борусија Дортмунд на дуелот со Габала. Тогаш дури ни УЕФА не помогна во обидите најдобриот ерменски играч да добие влез во државата.

Ќе видиме сега ќе се направи исклучок поради тоа што е финале или Азербејџан ќе остане на своето и повторно нема да му дозволи на играчот и покрај молбите на УЕФА и од Арсенал.