Оперативниот менаџер на македонскиот првак Вардар, Марко Савовски во интервју за емисијата СПОРТ1 на 1ТВ изјави дека клубот не е неблагодарен за иницијативата за негов спас, но смета дека тоа е краткотрајно решение.

„Иницијативите се краткотрајно решение. Не сакаме да бидеме неблагодарни, напротив многу сме среќни што имаме таква поддршка и луѓе кои од сопствениот буџет издвоиле 500 денари или 50 евра или која и да е сума, но факт е дека со тие пари не може да се спаси клубот и да се овозможи тој да функционира на ниво како и досега. Тоа е реалноста“ – потенцираше Савовски и додаде:

„Најмоќните луѓе во државата или бизнисмени се тие кои треба да се запрашаат и да помогнат Вардар да продолжи да живее во иднина.“

Савовски во текот на целата сезона јавно го искажува својот став околу отсуството на ТВ пренос на натпреварите на Вардар во Лигата на шампионите на националниот сервис. Прашан за тоа, тој вели:

„Ова е мој личен став, а не став на клубот. Сметам дека МРТВ не се потруди доволно за да има пренос на натпреварите на македонските претставници во Лигата на шампионите и на една недела пред почетокот на сезоната ја прекинаа комуникацијата со ЕХФ маркетинг. Имавме среќа што Арена Спорт влета во последен момент, во спротивно клубот ќе беше тој на чии трошок, зборуваме за 10 до 12 илјади евра по натпревар, ќе требаше да се покрие телевизискиот пренос на натпреварите.“