ЖРК Куманово е новиот освојувач на Купот на Македонија во женска конкуренција, откако во финалниот меч пред својата публика со 24:22 (11:9) славеше над бранителот на титулата, ЖРК Вардар. Кумановските ракометарки испишаа историја и го донесоа првиот куп-пехар во клупските витрини, воедно ставајќи крај на петгодишната доминација на „црвено-црните“ во ова натпреварување.

Во финалето со драматичен финиш во кое вардарки имаа 13 секунди за напад за егал, кумановки одиграа одлично во одбраната, пресекоа топка, додека Андреа Седлоска заработи црвен картон, кој значеше и седмерец за ЖРК Куманово, кој Мила Трајковиќ го реализираше за голема победа и историски пехар.

Желбата да освојат трофеј пред својата публика домашните ја покажаа уште на самиот старт со водство од 7:2, односно 10:5, но вардарки се вратија со серија од 0-4 (10:9) во финишот на полувремето, а на паузата се замина со 11:9.

Во продолжението Куманово успеваше да ја задржи предноста од два гола, пред се со добрата игра во одбрана, а Вардар имаше свои шанси во пресрет на последните десет минути од финалето. Се доближи на 20:19, односно 21:20, а имаше и напад за егал, но не успеја да најде решение (пасивен напад), а и голманката Наумоска беше одлична на голот кога беше најпотребно.

Во клучните моменти одбраната на ЖРК Куманово го одработи своето и тоа им донесе историски успех.

Ана Шарановиќ со седум гола и Мила Трајковиќ со шест гола беа најефикасни, додека во вардаровите редови Ивона Трпевска со шест погодоци беше прв стрелец.