Фото: Петр Стојановски

Металург е новиот освојувач на Купот на Македонија и стави крај на „црвено-црната“ доминација која траеше од 2014 година. „Металурзите“ на пенали го совладаа Вардар во финалето за конечни 32:33, а Марио Танкоски, кој го постигна последниот гол и Даниел Дупјачанец, кој одбрани два седмерци (Чипуќ и Скубе) беа главите херои на тимот од Автокоманда.

Фантастично второ полувреме имаа ракометарите на Металург, имаа и 18 секунди за напад за победа, но откако не го искористија регуларниот дел од натпреварот заврши 29:29, па победникот беше одлучен во пенал серијата.

Александар Шпенде со 8 гола, Анте Токиќ со 6 погодоци и Томислав Јагуриновски со 5 гола беа најефикасни во редовите на Металург, додека Чупиќ со 7 погодоци и Поповски и Кристопанс со по 4 гола беа најрасположени кај вардарци.

Вардарци со 5-0 го отворија финалето со одлична игра во дефанзивната линија и со три одбрани на Гедбан, што беше причината Металург пет минути да биде без погодок, пред Пучник да стави крај на серијата.  Се консолидираа „металурзите“ но бранителот на титулата имаше постојана предност од два до три гола во средината на полувремето (6:4, 8:5, 11:7).

Металург почна да фаќа ритам во завршницата на првиот дел, се доближи на еден гол негатива 12:11 (28 минута), но грешките на Металург во нападот и присебноста на Кисељев и Чупиќ во одбраната резултираше со 16-12 на полувремето.

Одличната игра која ја имаа на крајот на првиот дел ракометарите на Металург продолжија да ја презентираат на отворањето на второто полувреме и по само пет минути игра изедначија на 18:18. Кризата во редовите на „црвено-црните“ не ја запре ниту тајм-аутот на Роберто Парондо. Напротив „металурзите“ беа во налет и со серија од 1-4 дојдоа до највисока предност од 19:22, а дополнителен импулс беше одбраната од седум метри на Мартин Томовски.

Вардар успеја да се врати, 23:22, односно 25:23, но тоа траеше кусо, затоа што Металург покажа тврдоглавост и се носеше рамноправно со големиот ривал, благодарение пред се на одличниот Дупјачанец на голот и сигурната игра во нападот, а до крајот на мечот се играше рамноправно, 29:29.