Ракометарите на Вардар се хит во Европа, по пласманот на фајнл-фор завршницата нема новинар кој не „скоцкал“ одличен текст за македонскиот првак, „црвено-црните“ се инспирација за секое новинарско перо, но и инспирација за оние кои не веруваат во чуда, оние кои не веруваат во онаа стара поговорка „Јунаците на мака се познаваат“.

Хрватскиот портал „Индекс.хр“ утрово излезе со текст наменет за Вардар.

„Секоја чест за Тотенхем и Ливерпул, но најлуда спортска приказна за годинава е Вардар“, стои на почетокот.

„Македонците повторно се во Келн без разлика на хаосот што се случува во Вардар, можеме да кажеме дека овој успех е спортско чудо. Сергеј Самсоненко преку отворено писмо потврди дека повеќе нема да го финансира овој тим. Сите ракометари веќе добија документи и ќе бараат нови клубови, најави Дибиров.

Клубот се гаси, играчите не земаат плата, но и покрај тоа маршираат кон кровот на Европа. Неверојатно“, пишаа колегите од Хрватска, кои сонуваат за еден ваков тим за вакви времиња, нивните портали заедно со оние од Србија кога станува збор за Лигата на шампионите се меѓу најчитаните благодарение на Вардар и на македонските фанови.