Премиер лигата утре ќе го круниса новиот шампион за сезоната 2018/2019. Манчестер Сити има предност од 1 бод пред Ливерпул, па тоа носи неизвесност до последната минута. 

На двата стадиони каде утре ќе се играат одлучувачките мечеви за титулата, луѓето од англиската фудбалска асоцијација ќе донесат комплети медали за шампионите. Интересно е што, според практиката на ФА, медали во шампионскиот тим ќе добијат само оние фудбалери кои имаат најмалку 5 настапи за тимот во тековната премиерлигашка сезона. Во минатото оваа бројка беше дури 10 меча, па голем број на членовите на шампионските тимови и не добиваа шампионски медали.

На пример, минатата сезона кога Сити ја освои титулата, без медали останаа голманот Клаудио Браво и дефанзивецот Елимик Мангала. Ако оваа сезона шампионската титула заврши во рацете на „црвените“ од Ливерпул, тогаш медал на градите нема да добијат Алекс-Окслејд Чембрлен, кој долго е повреден, голманот Симон Мињоле, кој не одигра ниту еден натпревар, како и Алберто Морено, кој има само 4 настапи.