Нема дилема дека ракометарите на Металург се оние кои се јунаци и во главно светло по сензационалната победа над Вардар во финалето на Купот на Македонија 2019, но некако не можеше, а да не констатираме дека за „црвено-црните“ работите се редат слично како и во 2017 година, онаа историската, во која седнаа на кровот на Европа.

Некои велат, кој мисли дека историјата се повторува, се лаже, но некако има (пре)многу случајности на патот.

Колку за потсетување и тогаш како и сега целата приказна тргна од Брест. Вардар ја освои СЕХА лигата, стигна до титулата со која стана најтрофеен тим во регионалното натпреварување, постигна 26 гола во финалето, имаше четири играчи во ол-стар тимот и ги предводеше шпански тренер. Комплетно истите бројки и истата слика како и на годинешниот Ф4, во салата „Викторија“ во Брест.

На домашната сцена, пак, вардарци, тогаш во април 2017, претрпеа пораз од Металург во првенствен дуел, кој беше последниот за нив во таа историска година. И сега, само во мај, „црвено-црните“ доживеаја пораз од својот најголем ривал, но во финалето на Купот.

Можеби е само коинциденција и целата ситуација во редовите на македонскиот првак не тера да се надеваме на чуда, но Ф4 во Келн не е далеку, не делат само три недели во кои ќе имаме шанса да се увериме дали ќе се повтори историјата за Вардар, или, се било само пуста желба.